Како дел од проектот „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“ од страна на МОН и БРО на ден 15.11.2016 година се одржа предавање на тема Книгата е најголемо богатство на знаење. Во улога на предавач беше родител од нашето училиште Марина Коцева – одделенски наставник во ПОУ „Св. Кирил и Методиј“, с. Подлог. Предавањето се одржа во кабинетот по информатика, а како слушатели беа вклучени учениците од второ одделение, бидејќи во претходните месеци ги изучија буквите и веќе самите можат да читаат. Важно беше на овие ученици да им се потенцира дека процесот на читање е многу важен и дека не само додека се во училиштето, туку тие треба и дома со родителите да користат слободна литература, за да на тој начин го збогатуваат својот речник. Предавањето се искористи да се заокружат активностите во училиштето како дел од манифестацијата Месец на книгата во периодот од 15 Октомври до 15 Ноември. Преку презентација родителката најпрво разговараше за слободното време и како тие го исполнуваат, колку од нив откако ќе ги завршат домашните задачи се дружат со книгата. Стана збор и за членувањето во училишната и градската библиотека, бидејќи на овој начин книгите се поблиску до нив, со нагласување дека треба внимателно да се однесуваат кон нив. Знаењата стекнати на овој начин ќе им овозможат понатаму да напредуваат и да се здобијат со одредени професии. Им беа објаснети книгите кои родителката ги носеше, а беа за различни возрасти – од кратки приказни за мали деца до инциклопедии чии знаења понатаму можат да ги применат во животот. Учениците дискутираа и поставуваат прашања, а особено се радуваа на одговарање на гатанките. На крај, заклучокот беше дека е многу важно да се дружат со книгата уште од најрана возраст, да се трудат што повеќе да читаат, бидејќи само така ќе можат да се изградат во правилни личности. Со книгата и нејзиното читање се вежба и развива мозокот.