Tuesday, May 21, 2024

Раде Михајлов – Кратовче

Во стариот но сиромашен град Кратово, каде што меѓу карпестите ридишта се стуткале куќарките на старите кратовчани живеела и фамилијата Михајлови. Во скромната и пред се сочувана куќа од левата страна на црквата „Свети Јован“ живееле Софија и Мијалче Михајлови. Од овој брак во 1911 год. се родило и првото дете на кое му го дале името Раде. Неговиот татко бил мошне образован човек, бил ученик на познатата Солунска гимназија, а подоцна и учител во Чачак. Со стекнатато искуство во животот и работата ќе биде пример и инспирација за синот единец. Безгрижните детски години Раде ги поминал во своето родно Кратово трчајќи и играјќи си по старата чаршија по старата кратовска калдрма. Основното училиште го завршил во својот роден град, каде што го започнал и првиот клас гимназија. Татко му Мијалче набргу починал па мајка му Софија била принудена да се премажи за Димитар. Од овој брак ќе се родат уште две машки деца на кои им ги дале имињата Кирил и Михајло. Поради се потешкиот живот и големата сиромаштија Раде морал да го напушти школувањето и да започне да учи некој од старите кратовски занаети.

 Столарскиот занает му се видел некако најлесен и во него едноставно се вљубил. Во почетокот на 1930 година Раде заминал на отслужување на воениот рок, а по неговото враќање заедно со својата фамилија во почетокот на 1931 година се доселува во Кочани каде што Димитар се вработува во кочанската пошта како работник за одржување. Во Кочани, Раде работел како калфа кај кочанските столари, а подоцна отвора и своја столарска работилница. Во 1934 година Раде се оженил, а за своја животна сопатничка ја одбрал најмалата ќерка на Ангелина и Гицо Доневи од Кочани, Еленица. За младиот столарски работник започнал нов живот. Во бракот со Еленица се родиле три ќерки Евица,Ружа и Стефка. Се до 1937 год Раде со својата фамилија живее во изнајмената куќа на Љубе Шумарот во кочанското маало Стришани, кога одлучува да замине за Кратово и да работи како рудар во рудникот Добрево. Но по една година повторно се враќа во Кочани каде отвара дуќан и му се враќа на столарскиот занает. Во дуќанот почнале да навраќаат богатите трговци, кочанските занаетчии но и монополските работници. Во него честопати навраќал и младиот студент по техника, Љупчо Ефремов-Сантов со кого ќе станат неразделни пријатели во наредните години се до нивната смрт.

Народноослободителна борба

Со почетокот на Втората Светска војна и бугарската окупација на Македонија настанува вистинска пресвртница во животот на Раде. Кон крајот на април 1941 активно учестува во демонстрациите против доаѓањето на бугарската окупаторска војска. Во ноември заедно со поголема група напредни кочанчани станува член на ПК на КПЈ за Македонија (Покраински Комитет на Комунистичката Партија на Југославија за Македонија) . Во Кочани набргу се формираат две партиски ќелии, со едната раководи Благој Попов а со другата Љупчо Сантов. Задачата на Раде била организирање на занаетчиската младина и собирање на помош за народноослободителното движење. Но револуционерната активност на оваа група не останала незабележана од страна на бугарската полиција.На 21 ноември 1942 Раде заедно со уште деветмина кочанчани и петмина штипјани ќе биде затворен. Било изготвено обвинение на дури 147 страници. Но со пресудата бр. 29 на Скопскиот суд од 8 февруари 1943 Раде Михалов и покрај тешката полициска истрага поради недостаток на докази ќе биде ослободен. По враќањето од затвор Раде заедно со Љупчо почитувајќи ја одлуката на ГШ на НОВ и ПО (Главен штаб на народно ослободителната војска и паризански одреди) за заминување во илегала заминуваат на осоговските планини на 19 Мај 1943. Целта била организирање на тамошното население и формирање на вооружен партизантски одред на Осоговието.

„ По две недели од заминувањето добив писмо од Раде во кое пишуваше дека е добро, да ги чувам децата и да не мислам на него- Ницо не се секирај јас сум добар ќе се ослободиме за шест месеци и ќе се вратам“-(сеќавања на сопругата Еленица). Во прво време Раде и Љупчо се наоѓаат во село Вранинци од каде успеваат да создадат партиски групи во повеќе села- Оризари,Вранинци, Речани, Пресека, Главовица. По обемните акции за собирање на оружје, експлозив, храна, облека, санитетски материјал се создава и поголема вооружена група од дваесетмина луѓе спремни да отпочнат со вооружени акции, а Раде и Љупчо се упатуваат во село Главовица. Но по извршените провали на партиските организации во Штип, Кочани и Делчево бугарската полиција дознава за активностите на Раде Михалов и Љупчо Сантов. Набргу потоа организира потера. Потерата најпрво се упатува во село Вранинци, каде доаѓа во судир со вооружената група на Крум Вранински, кој херојски ќе загине. По вооружената престрелка, полицијата се упатува кон селото Главовица. На 23 март 1944 дознавајќи дека Раде и Љупчо се наоѓаат во трлото во Бошњачкото маало тие го блокираат местото. На повикот да се предадат Раде Кратовче и Љупчо Сантов одговаат со истрели, при што убиваат неколкумина полицајци, а други се ранети. Но при обидот да го пробие обрачот Љупчо Сантов ќе биде смртно погоден во грб. Раде Кратовче продолжил да дава отпор, но неколку смртоносни куршуми го погодуваат и тој паѓа мртов на неколку чекори од неговиот другар. На 23 март 1944 година во Кочани и Кочанско се проширила жалната вест -Љупчо и Раде загинаа. Раде Кртовче и Љупчо Сантов останаа во пазувите на Осоговието, крваво испишувајќи ја епопејата за нескршливоста на овој народ во борбата за создавање на самостојна и независна Македонија.

Чествување

Во негова чест е именувано основно училиште во Кочани, а подигнат е и споменик на местото на загинување во селото Главовица.